Боксерскиот клуб „Пинк Пантер“ од Штип продолжува да испишува успешни спортски приказни. Штипските боксери по вторпат по ред ја освоија титулата во категоријата Олимписки надежи на Балкан Опен Купот – Меморијал „Алексо Огненовски“, откако и минатата година беа најуспешни во истото натпреварување.
Во големото финале, односно 10. коло од Балкан Опен Купот, „Пинк Пантер“ настапи со една од најбројните екипи на турнирот и со одлични настапи заслужено стигна до шампионскиот пехар. Клубот освои вкупно 33 бода, оставајќи ги зад себе Константин од Лозница со 21 бод, како и Вијело Поље и Нови Пазар кои освоија по 13 бодови.
Успехот на штипскиот клуб е уште една потврда за квалитетната работа со младите категории, предводени од талентираниот боксер Иса Бајрам, од кои во иднина се очекуваат уште поголеми резултати на домашната и меѓународната сцена.
Покрај екипната титула, „Пинк Пантер“ освои и две престижни индивидуални признанија. Александар Панов беше прогласен за најдобар техничар на турнирот, додека Иса Бајрам го доби признанието за најборбен боксер, потврдувајќи го квалитетот и борбениот дух на штипските натпреварувачи.
Тренерот на БК „Пинк Пантер“, Петре Чурулиновски, истакна дека освоената титула е резултат на долгогодишна работа, дисциплина и посветеност на спортистите и тренерскиот тим.
Новата титула претставува уште една потврда дека штипскиот бокс продолжува да создава шампиони и достојно да го претставува градот на меѓународната спортска сцена.
