Пејачката Ана Петановска ја објави македонската верзија на песната „Балада за ангелот“, композиција која му е посветена на Тоше Проески. Со оваа песна таа се претстави на фестивалот „Белградска пролет“ во 2024 година, каде што настапот беше награден со силен аплауз од публиката.
Оригиналната верзија е создадена на српски јазик, а музиката е дело на познатиот македонски композитор Григор Копров. Тој открива дека инспирацијата за песната дошла од коментар оставен под едно видео на Тоше Проески, во кој стоело: „Кога сум тажна, тука си, кога сум среќна, тука си“.
„Токму оваа мисла стана основа за рефренот и ја отвори приказната што подоцна се преточи во песна. ‘Балада за ангелот’ носи силна емоција и порака, што белградската публика веднаш ја препозна“, изјави Копров.
Текстот на српската верзија го напиша Душан Бачиќ, додека македонскиот текст е авторско дело на Ана Петановска. За аранжманот се погрижи нејзиниот брат, гитаристот и продуцент Стефан Петановски.
Следниот фестивалски настап на Петановска ќе биде на „Бисер на Јадранот“, кој ќе се одржи на 18 јули во Тиват. Таму таа ќе настапи во дует со Наташа Михајловиќ, поранешна членка на групата „Фрајле“, изведувајќи ја песната „Под нозете“, создадена од истиот авторски тим – Копров, Бачиќ и Петановски.
Минатата година Ана Петановска и Дадо Топиќ триумфираа на фестивалот во Тиват со песната „Небо“. Музиката за победничката композиција ја создаде Григор Копров, текстот го напиша Дадо Топиќ, а аранжманот беше дело на Стефан Петановски.

