Повеќе од една третина од адолесцентите на возраст од 15 и 16 години во Европската Унија пијат прекумерно количество алкохол, двојно поголем процент од возрасните жители.
Во 2019 година 37,4 отсто од адолесцентите во ЕУ изјавиле дека пиеле прекумерно количество алкохол барем еднаш во последните 30 дена. Кај возрасните жители 18,7 отсто го потврдиле истото.
Епизодното прекумерно пиење алкохол се дефинира како пиење 5 или повеќе алкохолни пијалаци во еден ден. Во Исланд, само 8 отсто од адолесцентите изјавиле дека прекумерно пиеле алкохол барем еднаш во последниот месец, но процентот изнесува дури 59 отсто во Данска.
Податоците покажуваат дека 33 отсто од адолесцентите во Македонија го изјавиле истото – 30 отсто од женските испитаници и 37 отсто од машките.
На дното на листата се Исланд, Норвешка, Шведска и Финска, каде што најмал процент од адолесцентите прекумерно пијат алкохол. На врвот се Данска, Германија, Австрија, Словачка и Хрватска.
Во речиси сите земји во Европа, освен Исланд и Норвешка, повеќе адолесценти пиеле прекумерно количество алкохол во споредба со возрасните.
Според процентот на 15-годишници кои изјавиле дека повеќепати се испијаниле, Данска повторно е на врвот. Таму 42 отсто од испитаниците на оваа возраст изјавиле дека повеќепати се имаат испијането. Следуваат Литванија, Австрија, Унгарија и Бугарија. Во Македонија, 12 отсто од 15-годишниците изјавиле дека повеќепати се испијаниле.