Концертот на Дино Мерлин во Сплит, чија организација требаше да чини околу 150.000 евра, е откажан, откако околу 20.000 граѓани потпишале петиција со барање парите предвидени за настапот да бидат пренасочени кон локалната болница, или поточно побарале средствата предвидени за концертот да бидат пренасочени за набавка на ПЕТ/КТ апарат за болницата во Сплит.

По реакциите во Сплит, сега и Црна Гора размислува за откажување на неговиот новогодишен концерт во Бар. Според локалните медиуми, трошоците за организација, заедно со хонорарот и техничките барања на пејачот, би можеле да надминат 300.000 евра. Општината веќе разговарала со менаџментот за намалување на барањата, а конечната одлука се очекува во следните неколку дена.

Додека во регионот се отвораат сериозни дебати за цената на концертите на големите музички ѕвезди, нивните хонорари и оправданоста на огромните трошоци за организација, во Скопје се најавува вистинска парада на балканските музички имиња.

Веснаа Змијанац, Северина, Аца Лукас, Бобан Рајовиќ, Лепа Брена, Саша Ковачевиќ и Рада Манојловиќ се дел од листата на настапи што се најавуваат за крајот на ноември и декември 2026 година.

Сето тоа се случува во град кој претендира на европски културен имиџ, па сосема легитимно се наметнува прашањето: Дали културната понуда на една европска метропола треба да се мери според бројот на регионални естрадни ѕвезди на сцената или според вистинската разновидност, квалитет и културна вредност на програмата?

Додека Сплит се соочува со притисок од граѓаните, а Бар преиспитува дали може да си дозволи концерт вреден стотици илјади евра, останува прашањето – каква е културната визија на Скопје и што навистина добиваат граѓаните од ваквата концертна понуда?

Новинар Никола.А

23/11/2026