По цели 13 години исчекување, еден од најголемите настани во светот на гејмингот конечно се случи! Новата видео игра „Grand Theft Auto 6“, позната како GTA 6, од денеска, 19 ноември, е достапна за играчите ширум светот, а лудилото меѓу фановите е огромно.

Возбудата е толку голема што дел од гејмерите однапред земале слободни денови, па дури и боледување, само за да можат веднаш да седнат пред конзолите и да го истражуваат новиот виртуелен свет. За многумина, ова не е обично излегување на нова игра, туку настан што го чекаат повеќе од една деценија.

А првичните оценки се неверојатни! На платформата Metacritic, GTA 6 веќе има оценка од 99 од можни 100, со што се изедначува со највисоко оценетите видео игри во историјата. Критичарите ја опишуваат како вистинско ремек-дело, а оценката може да се менува со пристигнувањето на нови рецензии.

Приказната повторно нè носи во Вајс Сити, измислената верзија на Мајами, каде што играчите ќе ја следат приказната на двајца главни ликови – Лусија и Џејсон. Очекувањата се огромни, а Rockstar Games ветува свет исполнет со детали, акции, криминал, авантури и бројни можности.

Колкав е интересот за оваа франшиза најдобро покажуваат бројките. Серијалот GTA има продадено повеќе од 470 милиони копии низ светот, додека петтиот дел, објавен во 2013 година, надмина 230 милиони продадени копии. GTA 5 уште при своето лансирање постави рекорд, заработувајќи една милијарда долари за само три дена.

Сега сите погледи се насочени кон шестиот дел. Дали GTA 6 ќе ги надмине сите досегашни рекорди и ќе стане најголемиот гејминг-хит на сите времиња? По првичните реакции, се чини дека конкуренцијата ќе има навистина тешка задача!

19/11/2026