Случајот со бруталниот напад врз 26-годишната девојка Сара Ѓорѓиевска во Охрид предизвика силни реакции и револт во јавноста.
Против 31-годишниот осомничен е поднесена кривична пријава за тешка телесна повреда, но наместо притвор, судот му определи мерки на претпазливост, по барање на Основното јавно обвинителство.
Мерките предвидуваат забрана за приближување на помалку од 50 метри до девојката, одземање на пасошот и забрана за вадење нов, како и задолжително јавување во судот секој втор понеделник.
Токму ваквата одлука предизвика дополнителен гнев кај граѓаните, кои јавно прашуваат зошто не бил побаран притвор и дали со изречените мерки е обезбедена доволна заштита за жртвата.
Дополнителна бура од реакции предизвикаа тврдењата на мајката на Сара за семејните и политичките врски на осомничениот. Таа посочува дека неговата мајка, Љубинка Корабоска, е поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, додека неговиот татко, Гоце Корабоски, работи како инспектор во УЈП и, според нејзините тврдења, има блиски релации со политички структури на власта.
Гневни и згрозени од постапувањето на институциите, граѓани најавуваат самоорганизирање и протест пред Основниот суд и Обвинителството во Охрид. Бараат одговори, транспарентност и одговорност.
Во меѓувреме, државниот јавен обвинител најави дека се разгледуваат сите докази и околности, а конечната правна квалификација ќе зависи и од исказот на повредената девојка.
Граѓаните бараат институциите да објаснат: дали мерките на претпазливост се доволни кога станува збор за ваков сериозен случај на насилство?
