Тим ученици од СОУ „Славчо Стојменски“ во Штип развива иновативен проект за производство на биопластика од природни состојки. Со желатин, глицерин и лушпи од портокал, младите истражувачи покажуваат дека и секојдневниот отпад може да стане корисна суровина во борбата против загадувањето со пластика.

Наместо лушпите од портокал да завршат во кантата за отпадоци, средношколците од СОУ „Славчо Стојменски“ во Штип им даваат нов живот, претворајќи ги во дел од материјал за изработка на биоразградливи кеси.

Веќе една година, тимот работи на развој и усовршување на сопствена формула за биопластика, која би можела да претставува поеколошка алтернатива на традиционалните пластични материјали. Во процесот ги користат желатинот и глицеринот, како и лушпите од портокал, кои се преработуваат и се вклучуваат во составот на добиениот материјал.

Овој проект не е само експеримент во училишна лабораторија, туку и практичен пример за тоа како младите можат да придонесат кон развивање на одржливи решенија за еколошките предизвици.

Амбициите на младите иноватори не завршуваат со производството на биоразградливи кеси. Нивната следна цел е развој на амбалажа за храна, со што би се проширила примената на материјалот и би се отвориле нови можности за негово користење во секојдневието.

новинар Никола.А

16/11/2026