Виена оваа празнична сезона добива нова божиќна декорација, но промената не ги израдува сите. Една од најпрепознатливите празнични знаменитости во австриската престолнина, огромната црвена панделка на фасадата на модната куќа „Popp & Kretschmer“, веќе не е поставена на своето вообичаено место.

Со години, впечатливата панделка беше неизбежен дел од божиќната атмосфера во Виена и омилена локација за фотографирање на туристите и локалните жители. Нејзиниот изглед стана еден од препознатливите симболи на празничниот период, па затоа промената предизвика бројни реакции кај оние кои со нетрпение ја очекуваа секоја година.

Овојпат, наместо да ја украсува надворешноста на објектот, црвената панделка е преместена во излогот на продавницата, зад заштитни решетки. На стаклото е испишана пораката „Ослободете ја панделката“, со која се остава надеж дека познатата декорација еден ден повторно ќе се врати на фасадата.

Како причина за оваа промена се наведуваат големите гужви што со години се создавале пред објектот, особено во периодот пред Божиќ. Големиот интерес на посетителите наводно предизвикувал метеж и го отежнувал нормалното одвивање на сообраќајот, поради што била донесена одлука панделката да не биде поставена на досегашната локација.

Во меѓувреме, Виена веќе има нова празнична атракција. Фасадата на познатиот хотел „Sacher“ е украсена со впечатлива елка, која веднаш го привлече вниманието на минувачите и љубителите на божиќните фотографии.

На социјалните мрежи веќе се споделуваат снимки од старата и новата поставеност на панделката, а многумина не го кријат разочарувањето поради нејзиното отстранување од фасадата.

Иако новата елка носи свеж празничен изглед во центарот на градот, се чини дека за голем број посетители ништо не може целосно да го замени препознатливиот црвен украс, кој со години беше дел од божиќната магија на Виена.

10/11/2026