По речиси три децении музичко творештво, македонскиот рапер Влатко Јакимов претставува нешто поинакво од она на што досега ја навикна публиката. Овојпат, наместо со музички соработник, на сцената застанува рамо до рамо со својот 12-годишен син Даријан, со кого ја создаде песната „Татко & Син“.
Со „Татко & Син“, Јакимов покажува и една поинаква, поинтимна страна од своето творештво. Песната не е само ново музичко издание, туку и сведоштво за блискоста што ја градат таткото и синот, како и за вредностите што се пренесуваат од една на друга генерација.
Влатко Јакимов, е роден во Штип, а подолг период живее и работи во Велика Британија, важи за еден од музичарите кои оставиле свој белег на македонската хип-хоп сцена. Неговиот пат започнува во далечната 1996 година, како дел од групата „Како Браќа“, а музичката кариера ја продолжува под името „ЕМИГРАНТИ“, преку кое и понатаму ја промовира македонската музика надвор од земјата.
Дека проектот има посебно значење за нив потврдува и фактот што Влатко и Даријан веќе имаа можност заедно да ја изведат песната пред публиката во Лондон и Оксфорд, во рамките на Македонските културни денови во Велика Британија.
