Македонскиот тенор Благој Нацоски оствари значаен личен и професионален успех со светската премиера на операта „La vita nuda“ од италијанскиот композитор Матео Д’Амико (Matteo D’Amico), во продукција на престижниот Teatro dell’Opera di Roma.
Неговата интерпретација на двојната улога на Посетителот и Судијата привлече големо внимание кај италијанските и француските критичари. Девет рецензии посветени конкретно на неговата вокална и актерска изведба донесоа исклучително позитивни оценки, истакнувајќи ги неговата вокална сигурност, широкиот опсег, префинетото музичко фразирање, сценската харизма и убедливата актерска интерпретација.
Критичарите го опишуваат Нацоски како вистинско откровение на продукцијата, уметник со извонредни вокални и сценски квалитети и особена способност да го оживее сложениот оперски лик.
Овој успех добива дополнително значење ако се има предвид неговата повеќегодишна меѓународна кариера и учеството во десет светски премиери на оперски дела, со што се потврдува неговата посветеност на современото музичко творештво.
За Благој Нацоски, ова претставува едно од најзначајните признанија во последните години, но и уште една афирмација на македонската оперска уметност на меѓународната сцена.
По големиот успех во Рим, Благој Нацоски наскоро ќе настапи и пред домашната публика, како солист на Гала-новогодишниот симфониски концерт „Три тенори“, кој ќе се одржи на 24 декември во Македонската филхармонија во Скопје. На концертот, под диригентство на Атилио Томазело од Италија, ќе бидат изведени популарни оперски арии, во празнична музичка атмосфера.
Новинар Никола.А
