Нов голем успех за македонскиот планинар Зоран Николов, член на Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани, кој во изминатите дваесетина дена реализираше уште една импресивна високогорска експедиција. Овојпат неговата дестинација беше Перу, во Јужна Америка, каде успешно искачи шест планински врвови, меѓу кои и Чачани, висок 6.075 метри надморска височина.
Родениот штипјанец уште еднаш потврди дека љубовта кон планината, упорноста и посветеноста се посилни од секоја пречка. Во рамките на експедицијата, Николов ги освои следните врвови:
- Чачани – 6.075 метри
- Ел Симблар – 5.350 метри
- Виникунка – 5.036 метри
- Пачамама – 4.120 метри
- Пачатата – 4.085 метри
- Вајна Пикчу – 2.681 метар
Ова достигнување е уште една потврда за неговото богато планинарско искуство и за континуитетот на успесите на меѓународната планинарска сцена.
Во неговата досегашна планинарска биографија се впишани и Елбрус (5.642 метри), највисокиот врв на Европа, како и Аконкагва (6.962 метри), највисокиот врв на Јужна Америка. Николов зад себе има и бројни искачувања на врвови во Киргистан, Алпите, низ Европа, Балканот и Македонија.
Но, тука не застанува. По успешната перуанска експедиција, пред Николов се отвора нов, уште поголем предизвик – искачување на врв висок над 8.000 метри.
Со секое ново искачување, Зоран Николов ги поместува сопствените граници и ја промовира македонската планинарска упорност надвор од границите на државата. Неговите успеси се поттик и инспирација за сите љубители на планината, а новиот предизвик ветува уште една возбудлива приказна од највисоките планински предели во светот.
