Заборавете на сончевите плажи и топлите дестинации. Оваа зима европските градови со магична празнична атмосфера, божиќни базари и снежни планински предели се во центарот на вниманието на патниците.

Најновото истражување на туристичката платформа „Трипадвајзор“, кое ги анализирало пребарувањата на патниците од Обединетото Кралство, откри кои европски дестинации ќе бидат особено популарни во претстојната зимска сезона. Анализата ги опфаќа пребарувањата направени од 1 август до 31 октомври 2026 година за патувања во периодот од 1 ноември 2026 до 28 февруари 2027 година, објави „Јуроњуз“.

Резултатите покажуваат интересен тренд – наместо бегство од студот, туристите сè повеќе бараат автентично зимско доживување. На листата доминираат градови познати по своите божиќни пазари, романтични европски улици, алпски одморалишта и дестинации во близина на Арктикот.

„Интересно е да се види толку силен тренд на патувања во постудени краеви меѓу Британците оваа зима, при што патниците ги заменуваат лежалките на сонце со чизми за снег“, изјавила Аруши Кумар, заменик-директорка за истражување и аналитика во „Трипадвајзор Груп“.

Според неа, арктичките одморалишта, алпските гратчиња и градовите со традиционални божиќни базари покажуваат дека туристите сакаат да уживаат во зимата, наместо да ја избегнуваат.

Десет европски дестинации кои вреди да се посетат оваа зима

Според индексот на патувања на „Трипадвајзор“, овие десет дестинации се меѓу оние за кои е забележан најголем интерес за претстојната зимска сезона:

  1. Стразбур, Франција – познат по еден од најстарите и најпознатите божиќни базари во Европа, украсените улици и празничната атмосфера.
  2. Тромсе, Норвешка – идеална дестинација за љубителите на северната светлина, арктичките предели и зимските авантури.
  3. Гент, Белгија – град со средновековна архитектура, празнични светилки и традиционална зимска атмосфера.
  4. Саариселка, Финска – снежна дестинација во Лапонија, позната по можностите за набљудување на поларната светлина.
  5. Шамони, Франција – вистински рај за љубителите на скијањето и планинските предели во подножјето на Монблан.
  6. Закопане, Полска – популарно планинско одморалиште, познато по снежните пејзажи и традиционалната полска архитектура.
  7. Бриж, Белгија – романтичен средновековен град кој во зимските месеци добива посебен шарм благодарение на божиќните украси и празничните пазари.
  8. Нирнберг, Германија – една од најпознатите европски божиќни дестинации, со долгогодишна традиција на празнични базари.

Интересот за ваквите дестинации покажува дека зимскиот туризам станува сè попривлечен за патниците кои сакаат поинакво искуство – од прошетки низ празнично украсени градови до скијање, снежни авантури и набљудување на поларната светлина.

Иако зимата за многумина значи студ и ниски температури, за сè поголем број туристи таа е идеална можност за откривање на најубавото лице на Европа.

03/11/2026