Големи количества отпад беа собрани од подводниот свет на Охридското Езеро во рамки на акција чија цел е отстранување на цврстиот отпад и заштита на езерскиот екосистем.

Во акцијата, која се реализирала на потегот од кампот „Градиште“ до локалитетот „Вели Даб“, учествувале нуркачи од Нуркачкиот центар „Амфора“.

Од езерското дно биле извлечени најразлични предмети што завршиле во водата, меѓу кои пластична амбалажа, лименки, стаклени шишиња, парчиња облека и текстил, но и скршени филџани и друг вид отпад.

За состојбата под површината сведочат и снимките објавени од Нуркачкиот центар „Акватек“, на кои може да се забележи разновидниот отпад расфрлан по езерското дно. Во видеото е забележан и слатководен рак, вид кој се наоѓа на листата на загрозени видови.

Реализацијата на акцијата е поддржана финансиски од Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.

Оваа иницијатива уште еднаш ја отвора темата за загадувањето на Охридското Езеро и потребата од поголема грижа за неговото природно богатство.

Новинар Никола.А

02/11/2026