Борачите на Олимпија од Штип остварија забележителен настап на меѓународниот турнир „Метеори“, кој се одржа во Грција, каде во конкуренција на околу 600 натпреварувачи од 14 европски земји освоија златен и сребрен медал, а забележаа и неколку високи пласмани.

Најголемиот успех го постигна Марија Нисева, која во категоријата до 61 килограм, во конкуренција У-17, се закити со златен медал. Нисева имаше максимален учинок, остварувајќи четири победи од исто толку борби и заслужено го освои првото место.

Успешен настап имаше и Леон Стојанов во категоријата до 74 килограми, У-20, кој турнирот го заврши со освоен бронзен медал по четири победи и еден пораз.

Меѓу останатите натпреварувачи на Олимпија, Петар Донев го освои петтото место во категоријата до 74 килограми, У-20, додека Иван Митовски заврши на седмата позиција во истата категорија.

Од клубот истакнуваат дека сите борачи покажале борбеност и желба за докажување, а стекнатото меѓународно искуство и постигнатите резултати претставуваат дополнителна мотивација за продолжување со напорните тренинзи и унапредување на спортскиот квалитет.

Од БК Олимпија најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со редовни настапи на меѓународни натпреварувања, со цел натпреварувачите да стекнуваат искуство и да ги одмерат силите со квалитетни европски борачки клубови.

Екипата од Штип на турнирот беше предводена од тренерот Кире Нисев.

Новинар Никола.А

02/11/2026