На само 11 и 12 години, Давид и Анастасија Цекови зад себе оставија незаборавна летна авантура на Алпите, каде што заедно со својот татко, Иван Цеков, се искачија на неколку врвови повисоки од 4.000 метри.

Во текот на едномесечниот престој во Италија, тие успешно ги искачија Roccia Nera (4.075 м), Pollux (4.092 м) и Castor (4.223 м), а го поминаа и целиот гребен на Breithorn Traverse, технички сложена алпинистичка насока која бара голема физичка подготвеност, концентрација и искуство.

Особено предизвикувачко било искачувањето на Breithorn, кое траело околу 15 и пол часа. Променетите услови на глечерите, изложените карпести делови и тесните гребени претставувале сериозен предизвик за целото семејство.

Пред искачувањата, Иван внимателно ги проучувал насоките и ги подготвувал децата за можните опасности. При појавата на симптоми на висинска болест, семејството го одложило искачувањето, а на патеките се движеле со соодветно алпинистичко осигурување.

Авантурата не била само тест за нивната издржливост, туку и можност Давид и Анастасија да стекнат нови знаења и да учествуваат во проценката на ризиците и одлуките на планината.

Според досегашните проверки на семејството, ваква комбинација од технички алпинистички искачувања не е документирана кај македонски планинари на нивна возраст. Нивниот подвиг претставува несекојдневно планинарско искуство, реализирано со подготовка, дисциплина и поддршка од нивниот татко.

29/10/2026