Македонија е европски вицешампион во параглајдинг, а Ана Бергер ја освои европската титула во женска конкуренција.
Историскиот успех беше постигнат на Европското првенство во Крушево, на кое учествуваа 130 пилоти од 30 земји.
Македонскиот тим првенството го започна од деветтото место, но постепено напредуваше и на крајот го освои сребрениот медал, зад Словенија, додека Шпанија заврши трета.
Бергер, пак, по тешкиот момент во петтата трка, во последните четири лета беше без грешка и со одлична завршница ја освои европската шампионска титула.
Овој резултат е продолжение на подемот на македонскиот параглајдинг – по четвртото место на ЕП во Србија во 2022 и бронзата на СП во Франција во 2023. Следната година македонскиот тим најавува напад на светското злато.
