Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска ја изрече првата глоба за напуштање (фрлање) легло на мачиња. Случајот, како што велат за МИА од АХВ, бил пријавен од совесен, хуман граѓанин, а изречената казна е 550 евра.
-Врз основа на известување кое ЈП Лајка го добило од граѓанин (поткрепено со видео снимки и фотографии) за напуштање легло со мали мачиња од страна на физичко лице во парк во близина на трговски центар во Скопје, официјален ветеринар на АХВ вчера спроведе вонредна инспекциска контрола. Контролата е спроведена по обезбедена потврда од Министерството за внатрешни работи (МВР) за идентитетот на лицето и регистарските таблички на возилото со кое биле превезувани мачињата. За прекршок по член 26 од Законот за заштита и благосостојба на животните и член 59 од Законот за ветеринарно здравство, на сторителот му е изречена глоба од 550 евра во денарска противвредност, информира АХВ за МИА.
Не стивнуваат реакциите на сoцијалните мрежи, особено на членовите на фејсбук групите за домашни миленици, кои ja поздравуваат реакцијата на АХВ и изречената казна за напуштените мачиња.
