Кружниот тек на булевар „Партизанска“ еден месец е во застој, а нема конкретен рок за завршување ниту на најфреквентната улица „Борис Кидрич“. Градежните активности на двете важни сообраќајници во Штип секојдневно им создаваат проблеми на граѓаните, кои се соочуваат со изменет режим на сообраќај, ограничено движење и неизвесност околу тоа кога улиците повторно ќе бидат целосно ставени во функција.
Улицата „Борис Кидрич“, која претставува една од главните сообраќајни врски со централното градско подрачје, и понатаму е под градежен режим. Раскопаните делови, ограничувањата за возачите и пешаците и отежнатото движење го усложнуваат секојдневното функционирање во овој дел од градот.
Граѓаните имаат разбирање за потребата од инфраструктурните зафати, но очекуваат конкретна информација за динамиката на работите и рокот до кога „Борис Кидрич“ ќе биде целосно завршена и проодна.
Слична е ситуацијата и на булевар „Партизанска“, каде што изградбата на новиот кружен тек е во застој уште од средината на јули. И покрај тоа што дел од работите се реализирани, граѓаните сè уште немаат јасна информација кога ќе продолжи изградбата и кога се очекува целосно да заврши.
Во меѓувреме, изменетиот режим на сообраќај создава дополнителни проблеми за возачите, особено во вечерните часови. На дел од локацијата осветлувањето е недоволно, а насоките за движење не се доволно јасни. Дополнителен предизвик претставува и движењето на возилата кои доаѓаат од населбата Автокоманда.
За граѓаните, покрај самата реализација на проектите, клучно е да знаат до кога ќе траат ограничувањата и кога ќе завршат работите. Наместо само апели за трпение, потребни се конкретни рокови и редовни информации за напредокот на градежните активности.
