Македонскиот диџеј и продуцент Галоски продолжува да освојува меѓународно признание, откако неговата трака „Move“ и втора година по ред се најде во сетот на Стив Анџело на Tomorrowland, еден од најголемите фестивали за електронска музика во светот.
Членот на Swedish House Mafia ја вклучи песната за време на својот настап на главната сцена, потврдувајќи дека „Move“ и понатаму има силно место во сетовите на светската електронска елита.
Ова е втора последователна година како истата трака се слуша на Tomorrowland. Минатото лето, додека сè уште не беше официјално објавена, „Move“ беше премиерно пуштена од Steve Angello, Axwell и Sebastian Ingrosso за време на нивниот заеднички настап на сцената Crystal Garden.
По фестивалската премиера, песната беше објавена преку Superhuman, издавачката куќа на Swedish House Mafia, а набргу потоа се искачи на првото место на Trending листата на специјализираниот сервис 1001Tracklists.
Освен од членовите на Swedish House Mafia, продукцијата на Галоски доби поддршка и од светски познати имиња како David Guetta, Tiësto, Armin van Buuren, Martin Garrix и Solomun, кои редовно ги вклучуваат неговите изданија во своите настапи и радио емисии.
Фактот што Стив Анџело повторно ја избра „Move“ за својот сет на Tomorrowland претставува уште една силна меѓународна потврда за квалитетот и препознатливоста на музиката на македонскиот продуцент.

