УНЕСКО одлучи Охридскиот Регион да не биде ставен на листата на светско наследство во опасност и даде нов рок од пет години. Дивоградбите, урбанизацијата и еколошките ризици остануваат главна закана.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Наместо тоа, Северна Македонија и Албанија добија дополнителен рок од пет години за спроведување на препораките за заштита на Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство.
Одлуката беше донесена на 48. сесија на Комитетот за светско наследство што се одржува во Бусан, Јужна Кореја. За неа гласаа 16 од вкупно 21 земја членка.
Македонската делегација во Бусан беше предводена од вонредниот и ополномоштен амбасадор при УНЕСКО, Игор Николов. Според делегацијата, одлуката претставува израз на доверба во досега преземените активности, но и можност државата да покаже конкретни резултати во спроведувањето на препораките.

