Светскиот патник и јутјубер Роберт Дачешин направи споредба на шесте земји од поранешна Југославија – Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија – оценувајќи ги во десет различни категории.

Тој истакна дека станува збор за негово лично мислење, засновано на сопствените патувања и искуства, а не за официјална или објективна ранг-листа.

„Ова е мој личен впечаток. Секако, секој има право на свое мислење и би ми било интересно да слушнам како вие ги гледате овие категории“, порача Дачешин.

Според неговата проценка, Србија се издвојува како најуспешна во четири категории. Особено ја пофали како водечка спортска сила во регионот, наведувајќи ги успесите на Новак Ѓоковиќ и Никола Јокиќ, како и континуираните резултати на српските репрезентации во кошарка, одбојка и ватерполо.

Дачешин смета дека Белград е убедливо најсилната дестинација кога станува збор за ноќниот живот, оценувајќи дека нуди богата и разновидна понуда од клубови, кафулиња, сплавови и други места за забава, поради што го вбројува меѓу најдобрите градови во Европа за вечерни излегувања.

Во останатите категории, неговите избори изгледаат вака:

  • Храна: Македонија
  • Гостопримство: Македонија
  • Природа: Босна и Херцеговина
  • Однос цена – квалитет на живот: Босна и Херцеговина
  • Море и плажи: Хрватска
  • Урбана архитектура: Словенија

На крајот од својата анализа, Дачешин нагласи дека идејата не била да се споредуваат земјите за да се создаваат поделби, туку да се истакнат нивните најсилни страни.

„Шест земји, шест победници. Кога ќе се погледне што нуди секоја од нив, лесно се сфаќа колкав потенцијал имаше регионот како целина. Секоја држава има свои уникатни вредности и токму тоа ја прави посебна“, заклучи тој.

Дали се согласувате со неговите оценки и кој би бил вашиот избор во овие категории?

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *