Дамјан Давков од Штип испиша нова златна страница во македонската математика, освојувајќи златен медал на 67. Интернационална математичка олимпијада (IMO 2026), која од 10 до 21 јули се одржува во Шангај, Кина.
Со извонредно знаење, аналитичко размислување и беспрекорни решенија, Давков се најде меѓу најдобрите млади математичари во светот, носејќи ѝ на Македонија едно од највредните признанија на најпрестижниот светски натпревар по математика.
Успехот на македонскиот тим беше импресивен и во целина. Покрај златото на Давков, бронзени медали освоија Ивано Божиновски, Леонид Тодороски и Андреј Тасиќ, Филип Калкашлиев доби пофалница за успешен настап, а Марко Митевски достојно ги бранеше боите на Македонија.
Овој резултат е многу повеќе од освоени медали – тој е доказ дека македонските ученици, со талент, посветеност и напорна работа, можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во светот.
Штип повторно покажа дека е град кој создава врвни таленти, а Дамјан Давков стана инспирација за идните генерации млади научници и гордост за целиот град и за Македонија.

