Пожарите што претходната седмица го зафатија Штип уште еднаш покажаа колку е важно градот да биде подготвен за кризни ситуации. Огнот стигна и до историската тврдина Исар, симболот на нашиот град  а пожарникарите повторно беа на првата линија во борбата да се спречи поголема катастрофа.

Но, зад секој изгаснат пожар останува едно прашање: дали Штип е доволно подготвен за следната ваква ситуација?

На повеќе локации пристапот за противпожарните возила е отежнат, а во вакви моменти секоја минута може да биде пресудна. Затоа е сосема оправдано граѓаните да прашаат дали навистина се инвестира таму каде што е најпотребно.

Во последните години се издвојуваат значителни средства за нови паркови, Дино парк, модни викенди, скапи манифестации,  но кога градот се соочува со ризици кои директно го загрозуваат животот и имотот на граѓаните, приоритетите мора да бидат поинакви.

Се поставува прашањето за тоа Дали е поважно да се обезбедат нови противпожарни возила, современа опрема за пожарникарите, дополнителни хидранти на непристапни места какошто беше последниот пожар на Исарот и подобра инфраструктура за побрза интервенција?

Истото прашање се поставува и за здравството. Клиничката болница со години работи со недостиг од современа медицинска опрема и со ограничени ресурси, дел од апаратите се застарени, често нефункционални или со ограничени можности

Во меѓувреме, и основните комунални проблеми остануваат нерешени. Во екот на летото комарците повторно се секојдневен проблем затоа што третманите доцнат. Тоа не е само прашање на удобност, туку и на јавно здравје.

Затоа прашањето е едноставно:

Кои се вистинските приоритети на локалната власт?

Дали е поважно да се организира уште една манифестација или да се вложи во поголема безбедност? Дали е поважно уште едно свечено отворање или подобро опремена болница? Дали е поважно да се градат нови атракции, додека граѓаните очекуваат решенија за проблемите со кои живеат секој ден?

Развојот на еден град не се мери само со атракции, нови паркови, фестивали и туристички содржини. Вистинскиот развој се гледа во тоа колку градот е безбеден, колку ефикасно функционира здравствениот систем и колку институциите се подготвени да ги заштитат своите граѓани кога е најпотребно.

А додека тие се поставени наопаку, останува горчливото чувство дека граѓаните одамна се „изгорени“ – не само од пожарите, туку и од политиките кои со години ги ставаат маркетингот и спектаклот пред реалните потреби на луѓето.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *