Викендов стартуваа најавените авиолинии од Охрид до два полски градови со компанијата WizzAir.
Во неделата започнаа летовите од Вроцлав, а денеска се очекува првиот лет од Катовице. За двете дестинации се предвидени по два летови неделно.
На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, вчера слета првиот авион на Air Serbia оваа сезона.
– Официјално го пречекавме првиот сезонски лет од Белград. Пресреќни сме што нашите пријатели од Air Serbia повторно слетаа на нашата писта, продолжувајќи ја традицијата на директно поврзување на Белград со брегот на Охридското Езеро. На сите патници што пристигнаа денес – добре дојдовте во Охрид. Нека вашиот престој биде исполнет со сончеви денови, кристално чист поглед на езерото и незаборавни спомени. Се радуваме на уште една фантастична летна сезона, им порачаа од охридскиот аеродром.
Од охридскиот аеродром, со летниот распоред на летање, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови. Од 21 јуни, Аустриан ерлајнс има најавено дека ќе почне да лета од Охрид до Виена.

