На 6 јуни 2026 година (сабота), со почеток во 10:00 часот на Пливачкиот базен во Штип, ќе се одржи Градскиот пливачки натпревар „Штип 2026“, во организација на Пливачкиот ватерполо клуб „Видра“ Штип, во соработка со ВК „8-ми Ноември Мастерс“ Штип.
Овој спортски настан претставува значаен чекор во обновувањето на пливачкиот спорт во градот по долг период на стагнација. Натпреварот е резултат на петмесечна посветена работа со младите пливачи, кои за кратко време покажаа дисциплина, напредок и љубов кон спортот.
На натпреварот се очекува учество на околу 60 млади натпреварувачи, поделени во две возрасни категории:
- Категорија А: деца од 6 до 10 години, дисциплина 25 метри;
- Категорија Б: деца од 11 до 14 години, дисциплина 50 метри.
Организаторите истакнуваат дека целта на натпреварот не е само спортско надмудрување, туку и промоција на здрави животни навики, социјална инклузија и развој на младите генерации. Преку пливањето, децата стекнуваат самодоверба, дисциплина, спортски дух и создаваат основа за здрав психофизички развој.
Дополнително, настанот има амбиција повторно да го позиционира Штип како значаен центар за водени спортови во Македонија и да создаде услови за развој на идни спортски шампиони.
Организаторите упатуваат отворен повик до медиумите, граѓаните и љубителите на спортот да бидат дел од овој значаен настан и да ги поддржат младите таленти на нивниот пат кон успехот.

