Република Македонија и македонскиот народ низ светот на 15 мај го одбележуваат Денот на македонското знаме.
Македонија и Македонците имаат долга традиција на употреба на црвеното знаме. Во поново време црвеното знаме го употребуваат македонските востаници во Разловечкото востание од 1876 година и во Кресненското востание во 1878 година, а црвено востаничко знаме се споменува дека се вее и во Крушево во екот на Илинденското востание. Токму знамето на крушевските востаници станало симбол на борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава, а не случајно е во втората строфа на македонската химна, каде што се вели „Одново сега знамето се вее на Крушевската Република“. Народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ, како продолжувач на илинденската револуционерна традиција, го прифаќа црвеното знаме, но дополнето со црвена петокрака ѕвезда со жолти рабови.
Дополнителна карактеристика на македонското знаме е сонцето. Сонцето првпат се појавува на знаме како дел од пејзажот на црвеното знаме на кумановската чета во Илинденското востание од 1903 година. Подоцна и предлогот за знаме на независна Македонија, на македонската колонија во Санкт Петербург, од 1914 година, содржи сонце. И тоа знаме е црвено, а сонцето златно и изгрева од долниот слободен агол.

