Денес се одбележуваат 85 години од бомбардирањето на Штип – трагичен настан од почетокот на Втората светска војна кој оставил длабоки последици врз градот и неговото население. На 6 април 1941 година, без претходно објавување на војна, германската фашистичка авијација го нападнала градот во раните утрински часови, додека граѓаните биле во своите домови или се подготвувале за работниот ден.

Според историските податоци, во нападот биле уништени голем број куќи и јавни објекти, меѓу кои и зградата на старата болница, а градот претрпел сериозни материјални штети. Во бомбардирањето животот го загубиле најмалку 54 лица, 22 биле тешко ранети, а дел од граѓаните се воделе како исчезнати.

Бомбардирањето на Штип било дел од пошироката воена операција на силите на Оската, со која на 6 април 1941 година започнала инвазијата врз тогашното Кралство Југославија, што го означило и почетокот на окупацијата на Македонија.

Историските сведоштва посочуваат дека во првите налети биле погодени воени и цивилни цели, меѓу кои објекти во централното градско подрачје, околните маала и позиции околу тврдината Исар. Нападите предизвикале паника кај населението и значајно ја нарушиле инфраструктурата на градот.

Денес, 85 години подоцна, овој датум претставува симбол на сеќавање на жртвите и потсетник за страдањата што ги претрпело цивилното население во текот на војната. Вообичаено, годишнината се одбележува со положување цвеќе и пригодни обраќања пред спомен-обележјата во градот, при што се истакнува значењето на зачувувањето на историската меморија и почитта кон загинатите.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *