Во летната сезона од Скопје ќе се лета за Палермо и за Алгеро во Италија. Со почетокот на летниот ред на летање кон крајот на март скопскиот аеродром ќе ја прошири својата мрежа на линии со уште две нови релации – кон Будимпешта и Неапол, а охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано. Во мај „Аустријан ерлајнс“ ќе почне со летови од Охрид до Виена, а во јуни „Визер“ ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.
Од „ТАВ Македонија“ информираат дека „Визер“ на линијата од Скопје до Палермо од 15 јули ќе сообраќа трипати неделно, секои понеделник, среда и петок, со достапни цени од 29,99 ера, а од 18 јули почнува рутата Скопје – Алгеро, која ќе лета двапати неделно, секој вторник и секоја сабота, со достапни цени од 39,99 евра
Летовите до двете нови дестинации се планирани како сезонски линии, односно ќе се реализираат до 11 и 12 септември.
– Со воведувањето низа нови линии гордо ја потврдуваме нашата посветеност на растот и иновациите отворајќи врати за нови партнерства, културни размени и полесен пристап до динамичните европски пазари. И ако мислевте дека сме застанале – не, ние штотуку почнуваме! – вели во пишана изјава Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Од „ТАВ Македонија“ наведуваат дека новите рути од Скопје до Палермо и до Алгеро претставуваат директна поврзаност со две атрактивни медитерански дестинации, познати по својата туристичка понуда, културно наследство и економско значење.
– Палермо и Алгеро се места што ја одразуваат душата на Италија. Во Палермо на Сицилија посетителите ги очекува богата историја, импресивни палати, катедрали и живописни пазари нудејќи незаборавно патување низ културата и вкусовите на Сицилија. Во Алгеро на Сардинија, пак, туристите ќе може да уживаат во мирот на средновековните улици и прекрасните морски пејзажи – се вели во соопштението.
