Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Штип кое постои од 1960 година и е едно од централните училишта во градот, се соочува со можност за затворање како дел од планираната реонизација на основното образование во Штип. Информацијата Енџелс ФМ ја доби од загрижени родители, кои веќе започнаа петиција против евентуалната одлука.
На последната родителска средба им било соопштено дека училиштето најверојатно ќе биде затворено, а учениците и наставниците ќе бидат прераспределени во другите централни училишта. Според неофицијални информации, на местото на училиштето е предвидена изградба на студентски дом.
Некои родители истакнуваат дека учениците биле подложени на тестови за ментално здравје како подготовка за преместување во друго училиште.
Министерката Јагневска утре ќе го посети Штип и ќе ја соопшти официјалната одлука, потврдувајќи дали информациите се точни или нема потреба за загриженост.
Во моментов, „Гоце Делчев“ е едно од поголемите основни училишта во Штип, со околу 600 ученици во девет паралелки. Родителите и наставниците се загрижени за иднината на учениците и апелираат одлуката да се преиспита, истакнувајќи дека реонизацијата треба да биде внимателно планирана за да не се наруши квалитетот на образованието и стабилноста на децата.

