На денешен ден, 26-ти јануари 1946 година е објавена првата Македонска граматика од проф. Круме Кепески.
Професорот Круме Кепески појаснува дека за да ја напише Македонската граматика му била доволна АСНОМ-ската определба за заведување на македонскиот литературен јазик како службен јазик во Република Македонија. Вели „врз Граматиката работев засилено и со љубов“ и дека е „тешко да се објаснат и љубовта и радоста, предизвикани од тој интимен контакт со нешто што логички стана историја“.
Првата Македонска граматика од проф. Круме Кепески се појавува како општествена потреба за остварување на националните потреби на македонскиот народ. Како што, уште на Првото заседание на АСНОМ, во рефератот од Емануел Чучков на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, под наслов „Народно демократската власт во Македонија“, посебно е потенцирана „неопходноста од изработка на една граматика и речник и др. за да може на нашиот јазик да се пише и учи и да стане официјален јазик на нашата администрација“. Појавата на првата Македонска граматика од професорот Круме Кепески за да биде со радост прифатена од народот и од политичката номенклатура.
Во Граматиката се дадени научните основи на македонскиот литературен јазик. Покажана е посебната структура на македонскиот јазик, која што е поставена уште со формирањето на македонскиот народ, а понатаму се развива како сведоштво за македонската самобитност, со што македонскиот јазик се поместува, како рамноправен член, во јазичното семејство на славјанските јазици.

Граматика од професорот Круме Кепески, според потребите на времето, е општа затоа што беше потребна, освен за училиштата, и за да пишува и учи администрацијата и народот, во целост.
– Во текот на НОБ (1943-1944 година), на ослободените територии веќе работеа училишта со настава на македонски јазик – нешто логично и природно, но сепак, вонредно возбудливо поради драматичноста на нашата национална историја и судбина“, вели професорот Кепески. „Мрежата на училиштата се ширеше брзо. Потребата од учебник на македонски јазик се појави со сета своја итност и неодложливост. Во 1945 година беше обнароден Правописот. Веќе беа утврдени рамките и нормите на литературниот јазик, вели Кепески. Професорот Круме Кепески тогаш, самоиницијативно, во месец февруари, отпочнува да ја пишува Граматиката, чие пишување трае до месец август, 1945 година.
Како што професорот Кепески, ќе рече: „Беше мошне тешко да се оствари ова пионерско дело, нашиот јазик си има специфични црти, кои требаше да ги согледам и граматички да ги поставам и објаснам. Акцентот, членот, двојниот предмет, аналитичките именски форми и специфичните глаголски форми – сето тоа требаше да се испита и да се објасни“.
Граматиката доживеа второ издание (1947 година) и трето проширено издание (1950 година). Конечно, професорот Круме Кепески објави педесетина општи и посебни граматики на македонскиот литературен јазик. А, имајќи големи заслуги во севкупниот процес на практичната изградба на македонскиот јазик, како автор на првата Македонска граматика и основоположник на граматичарското дело, како педагог, преведувач и културен деец, следствено проф. Круме Кепески зазема посебно место во македонската наука, култура и историја. (Крај)

