Македонскиот европски шампион во мотоциклизам, Петар Мијалков, продолжува да ниже признанија и надвор од границите на државата. За својот врвен спортски успех и освоената титула во БМУ Европскиот шампионат, тој беше награден со специјална плакета за извонредни спортски достигнувања во Молдавија.
Мијалков престојуваше во Молдавија од 13 декември, каде што беше пречекан со големи почести и богата свечена програма, соодветна на статусот европски шампион. За време на посетата, тој учествуваше на повеќе официјални настани и имаше можност поблиску да ја запознае молдавската култура. Особено впечатлив беше моментот кога Петар заигра традиционално молдавско оро, симболично истакнувајќи ја поврзаноста и пријателството што спортот го гради меѓу народите.

