ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ по 14 пат ќе го одржи традиционалниот Новогодишен концерт, кој ќе се реализира на 23 и 24 декември 2025 година, со почеток во 20:00 часот во големата сала на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип. На сцената ќе настапат над 250 ученици од основното и средно музичко образование.

Интересот за концертот и годинава беше исклучително голем – билетите за двете вечери беа распродадени за помалку од два дена, што говори за континуираната поддршка и доверба од страна на публиката кон училиштето и неговите ученици.

Поради ова предвиден е и трет концерт кој ќе се оджи на 24-ти со почеток од 17:00 часот.

Програмата ќе опфати разновидни музички содржини, со посебен осврт на неколку значајни јубилеи. Публиката ќе има можност да слушне дел од оперската класика „Палјачи“ по повод 100 години од првата оперска изведба во нашата држава, како и изведби посветени на 40 години од фестивалот Макфест.

Во концертот ќе учествуваат и ученици кои го претставуваа училиштето и државата во Соединетите Американски Држави, како и најмладите ученици со новогодишни песни. Програмата ќе биде дополнета со новогодишни валцери, македонска народна музика, а оркестарот и хорот ќе го заокружат настанот.

Новогодишниот концерт на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип и оваа година претставува значаен културен настан со кој училиштето ја заокружува годината претставувајќи ја работата и напредокот на своите млади музички таленти.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *