Младиот кочански рок бенд „Корка“ ја доби наградата „People’s Choice“ на „Imagine Music Experience“, што се одржа на 14 декември во Брисел, Белгија, информираат од Музичка младина на Македонија (ЈМ Macedonia).
Оттаму посочуваат дека бендот доби најмногу гласови од публиката на онлајн гласањето и беше македонски претставник на овој меѓународен натпревар за млади музичари од 13 до 21 година, во организација на „JM International“. Се работи за глобална организација посветена на развојот на младите преку музика и уметност, која ги поддржува младите таленти преку натпревари, едукација, вмрежување и настапи на интернационални сцени.
„Ова е прво меѓународно признание за Македонија на ‘Imagine Music Experience’ и четврта година по ред учество на MMM со национален финалист“, соопшти Музичка младина на Македонија.
Бендот „Корка“ носи гранџ ноиз рок со звучен потпис од Кочани, а, како што велат, со својата енергија, авторска музика и силна поврзаност со публиката се истакнале меѓу учесниците од повеќе европски земји.
„Признанието ‘People’s Choice Award’ претставува значаен поттик не само за младите музичари од Кочани, туку и за целата млада музичка сцена во државата. Музичка младина на Македонија упатува посебна благодарност до Ива Дамјановски, координаторка на проектот ‘Imagine Македонија’, за нејзината посветеност и поддршка. Благодарност и до сите поддржувачи на проектот, меѓу кои ‘Мртов Коњ’ и ‘Гола планина колектив’, кои придонесоа за успешната реализација на националниот и меѓународниот настап“, посочија од Музичка младина на Македонија.
извот okno.mk
