Дино паркот во Штип, во кој Општината вложи околу 800 илјади евра, само еден месец по отворањето ќе биде даден под кирија на приватна компанија. Одлуката беше донесена со 17 гласа „за“ и шест „против“, а образложението на Општината е дека нема финансиски и човечки капацитет за да го одржува.
Ова предизвика бурни реакции во јавноста, но и меѓу политичките партии, кои обвинија дека со општински пари се гради проект кој потоа ќе му носи профит на приватен бизнис.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски, јавно реагираше на одлуката, посочувајќи дека е апсурдно Општина со две јавни претпријатија, над 400 вработени и уште 160 во администрацијата да тврди дека не може да управува со објект кој сама го изградила.
„Во материјалите што ги добивме стои дека се потребни неколку тоалети, маси и столчиња и поставување на десет камери. Тоа не е инвестиција што Општината не може да ја изведе. Ако поставува камери низ целиот град, како да нема капацитет за десет камери во паркот?“, вели Михајловски.
Тој потсети и дека Дино паркот беше свечено отворен во екот на изборната кампања, без да се спомене дека истиот ќе биде даден под наем. „Наративот тогаш беше дека е за граѓаните, а имаше и изјави дека нема да се наплаќа влез“, додава Михајловски.
Советничката група на СДСМ и коалицијата гласаше против оваа одлука, затоа што сметаме дека е скандалозно Општина Штип да инвестира 800.000 евра во нешто, за што после само 1 месец ќе даде образложение дека нема капацитет да го одржува. Со оваа одлука локалната власт и мнозинството во Советот покажаа дека немаат јасен план за трошење на народните пари, што отвара многу дилеми кај граѓаните. Јасно се поставува прашањето, дали локалната власт однапред ги има договорено сите следни чекори во врска со Дино паркот и инвестицијата од 800.000 евра, народни пари? истакнаа од СДСМ
Од друга страна, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, координаторот Атанас Крстоски истакна дека сите нивни советници гласале „за“, уверени дека ова е добар и рационален чекор.
Радио AngelsFM одговор побара и општината на следните прашаља?
Зошто се вложи милион, ако нема пари за одржување?
Доколку немаше економска исплатливост, Зошто општината не направи проценка за негова градба ?
Дали ова значи дека општината ќе поклони готов бизнис со парите на граѓаните?
На прашањата, одговор од локалната власт засега не добивме.
