Во атмосфера за паметење и преполна сала „Јордан Мијалков“, кошаркарите на Соколи синоќа забележаа значајна победа на домашен терен, совладувајќи го тимот на Струмица со резултат 65-58. Со овој триумф, Соколи успеаја да ја прекинат победничката серија на струмичани и да испратат силна порака за својата форма и амбиции.
Од клубот истакнаа дека натпреварот бил пример за максимална пожртвуваност и борбеност до последниот момент:
„Изигравме максимално посветено, борбено до самиот крај и покажавме што значи да се остави срце на терен! Оваа победа не е само резултат – ова е карактер, тимски дух и борба без предавање! Фала на публиката за поддршката – вие сте нашиот шести играч!“, порачаа од Соколи.
Публиката во спортската сала навистина одигра значајна улога, создавајќи енергија која ги носеше кошаркарите низ најтешките моменти од дуелот.
Соколи со оваа победа најавуваат уште посилни настапи во продолжението од сезоната и ги повикуваат навивачите повторно да бидат нивен ветер во грбот на следните натпревари.

