Во источниот регион се забележува пораст на мажи со рак на простата, а особено загрижува што меѓу нив има и млади пациенти — најмладиот има само 36 години. Лекарите предупредуваат дека оваа болест сè почесто се појавува и кај помладата возраст. Урологот од Клиничката болница во Штип, д-р Венцо Шопов, истакнува дека навременото откривање на болеста е од големо значење, бидејќи ракот на простата во рана фаза е целосно излечлив.
Во рамки на месецот посветен на машкото здравје, во штипската болница се организираат бесплатни прегледи и скрининг на пациенти. Пораката од докторите е едноставна – редовните контроли можат да спасат животи.
Начинот на живот, зголемениот стрес, нервозата, нездравата и масна исхрана, пушењето и алкохолот се меѓу главните причини поради кои заболувањето од простата се јавува и кај помладите мажи.
– Апелираме сите мажи да имаат секојдневна физичка активност, без разлика дали станува збор за пешачење или вежбање – нагласува д-р Шопов.
Лекарите исто така препорачуваат мажите постари од 50 години редовно да вршат превентивни контроли.

