Македонија повторно испиша историја во светската кинематографија. „Приказната за Силјан“ на двојно оскар-номинираната режисерка Тамара Котевска е откупен од National Geographic Documentary Films, еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања. Филмот годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, предизвика овации на преполните проекции во Торонто, а стана и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.

 

Откупот од National Geographic Documentary Films значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот. Тоа му овозможува на филмот да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на National Geographic и Disney+ со силна маркетинг и фестивалска поддршка. За македонски филм, ова е историски успех затоа што станува збор за институција која стои зад добитници на „Оскар“ и „Еми“, а самиот факт што ја препозна „Приказната за Силјан“ е доказ за неговата универзална вредност. Паралелно со договорот со National Geographic, дел од правата за „Приказната за Силјан“ ги превзема британскиот Dogwoof, чиј каталог вклучува повеќекратни добитници на „Оскар“ и „Бафта“. Dogwoof ќе биде задолжен за дистрибуцијата на филмот во Австралија, Јапонија и Полска.

 

 

Истовремено, Здружението на филмски работници на Македонија официјално го предложи филмот како годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм што претставува уште едно признание дека визијата на Котевска ги надминува границите и отвора ново поглавје во историјата на нашата кинематографија.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *