Сè почесто стануваме сведоци дека македонските традиционални културни манифестации остануваат во сенка на странски и балкански изведувачи. Огромни хонорари, кои понекогаш достигнуваат и до 100.000 евра, се трошат за гостувања на „ѕвезди“, додека вистинските богатства на градот – локалната култура, обичаите и македонските уметници – остануваат запоставени.
Овој проблем е очигледен на повеќе манифестации низ Македонија: од Тиквешки гроздобер, преку Велешка питијада, до Штипска пастрмалијада, каде годинава Штип ќе го плати најскапиот пејач во целиот Балкан. И сето тоа додека општините секојдневно се борат со сериозни проблеми – пожари, недостигот на противпожарна опрема, апаратите во болниците, а многу често решението доаѓа само преку донации од странство, кои ретко надминуваат 1.000 евра.
Според достапните информации, хонорарите за балканските музички ѕвезди на македонските манифестации се сметаат за строго чувана тајна. Меѓутоа, постојат индикации дека се движат во опсег од 20.000 до 100.000 евра, во зависност од популарноста на изведувачот и значењето на настанот. Овие податоци се потврдени од страна на општинските огранизатори кои се повикуваат на дискреција, но исто така се напоменува дека овие пејачи не настапуваат на приватни забави, туку на општински фестивали, што ги прави овие цифри уште поинтересни за јавноста.
Иако конкретни износи не се објавуваат, јасно е дека овие хонорари се значителен дел од буџетите на локалните самоуправи
Културата е основа на нашиот идентитет и треба да биде поддржана. Но, уште поважно е да инвестираме во македонските изведувачи, да ги промовираме традиционалните вредности на нашите градови и да создадеме настани кои вистински ќе ги одразуваат богатствата на нашата земја. Наместо да ги поттикнуваме туѓите имиња, треба да го градиме брендот на нашата култура и да ја вреднуваме автентичноста на локалното творештво.
Време е да сфатиме дека вистинската вредност не е во скапите хонорари, туку во поддршката на македонското, во зачувувањето на нашите традиции и во создавањето идентитет кој ќе ни носи гордост за идните генерации.


