Филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски ќе се натпреварува за наградата „Срцето на Сараево“ на 31. издание на Сараевскиот филмски фестивал што ќе се одржи од 15 до 22 август.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ беше на 24 јануари, на фестивалот „Санденс“ каде освои две награди. Ахмет, 15-годишно момче од оддалечено село на Јуруци во Македонија, наоѓа утеха во музиката додека се справува со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница и своето прво искуство со љубовта — девојка која веќе е ветена за друг.
Улогите ги толкуваат: Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмет, Селпин Керим и Атила Клинче.
Снимањето на филмот траеше 36 дена кон крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и македонски јазик.

