Грчката влада воведува нови, значително построги правила за краткорочно изнајмување станови и апартмани преку платформи како Airbnb и Booking. Овие промени директно ќе влијаат и на македонските туристи, особено на оние кои планираат патување во Атина и другите популарни туристички центри.
Во централните делови на Атина, како Колонаки, Кукаки, Егзархија, Плака, Синтагма, Монастираки и други, воведена е едногодишна забрана за издавање нови дозволи за краткорочен наем на станови и апартмани.
Сопствениците што ќе ги прекршат новите регулативи се соочуваат со високи казни до 20.000 евра.
Сопствениците кои ќе ги пренаменат своите недвижности за долгорочен наем ќе добијат тригодишно даночно ослободување.
Како ова ги засега туристите од Македонија?
Значително ќе се намали понудата на станови и апартмани за дневен наем во центарот на Атина и другите атрактивни локации.
Постојат зголемени ризици туристите несвесно да изнајмат нереагистриран или нелегален сместувачки капацитет, што може да доведе до проблеми при пристигнувањето или за време на престојот.
Се препорачува сите што планираат патување во Грција однапред да го резервираат сместувањето, и тоа исклучиво преку проверени и официјални канали (лиценцирани агенции, хотели, официјални платформи).
Хотелите и лиценцираните апартмани остануваат најбезбедна опција, бидејќи се под строга државна контрола.
Зошто се воведуваат овие мерки?
Грчките власти објаснуваат дека целта е да се намали притисокот од масовниот туризам врз градовите, да се зголеми достапноста на станбен простор за локалното население и да се зачува културниот идентитет на туристичките дестинации.
