Легендарниот Пласидо Доминго, еден од најголемите тенори на денешницата, ќе одржи концерт во Скопје на 14 март 2025 година.
На 14 март 2025 година, Скопје ќе биде домаќин на еден од најголемите оперски настани во годината! Легендарниот Пласидо Доминго, тенор и диригент од светска класа, ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“.
Со него ќе настапат и Марија Хозе Сири, една од водечките сопрани во светот, како и оркестарот на Македонската опера и балет, под диригентство на Жорди Бернасер од Шпанија.
Маестро Доминго има кариера која трае повеќе од 50 години и е заслужен дел од светската оперска уметност. Има над 150 солистички улоги, над 4.400 настапи и над 600 настапи како диригент. Освојувач е на 12 „Греми“ награди и е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика.
Марија Хозе Сири е драмски сопран број еден во светот, со над 150 настапи. Во 2010 година настапи на Мајските оперски вечери во Македонија.
Концертот ќе има два дела. Во првиот дел ќе бидат изведени дела од италијанската музичка литература, а во вториот дел ќе бидеме сведоци на шпанското музичко творештво и арии од оперетите на Штраус и Лехар.

