За време на годинашниот ТВ пренос на „Супер боул“, најскапото и најпрестижно спортско шоу во светот, беа прикажани и серија реклами направени од македонскиот режисер Ангел Апостолски.
За првпат во историјата, ПЕТА – глобалната мрежа за заштита на животните, се појави со реклами за време на ова шоу, каде рекламен блок од 30 секунди чини неверојатни 8 милиони долари.
За режијата на овие специјално изработени рекламни спотови, ПЕТА го ангажираше Македонецот Ангел Апостолски.

Апостолски веќе има импресивна бројка реализирани рекламни проекти зад себе, за некои од најпознатите светски и регионални брендови, од телекомуникациски оператори до социјално ангажирани асоцијации. Скопјанец, филмски режисер со диплома од Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија. Живее и работи помеѓу Софија и Амстердам и е еден од ретките европски режисери, кои имаат работено на реклами за „Супер боул“.
Неговите рекламни спотови кои беа прикажани на годинашниот „Супер боул“ се брендирани како „најсмелата кампања на ПЕТА досега“. Рекламната кампања го носи името „Совесните мафијаши“.
