„Диџеј Ахмет” на Георги М. Унковски, првиот долгометражен игран филм кој ја раскажува приказната на 15-годишниот Ахмет од јуручкото село Али Коч, кој сонува да стане диџеј беше прикажан на најпознатиот американски фестивал за независен филм „Санденс“

Сместен во јуручкото село Коџалија, „Диџеј Ахмет“ на турски и на македонски јазик ја раскажува приказната за момчето кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг

Дебитантскиот филм на режисерот Георги Унковски, „Диџеј Ахмет“, кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Санденс“ во конкуренција за награди на програмата Светски филм, доби одлични рецензии во две од трите највлијателни филмски списанија „Холивуд репортер“ и „Варајети“.

Во својата рецензија, „Холивуд репортер“ го фали приодот на Унковски чија претежно аматерска актерска екипа успеала да создаде солидна натуралистичка изведба. Според нив, Унковски и кинематограферот Наум Доксевски го капат филмот во златно светло кое е далеку од мрачниот изглед на многу уметнички филмови сместени во поранешните балкански земји.

„Техно-музиката и овчарството се судираат во трогателна приказна за созревањето“, почнува со реченицата: „Замислете си го ‘Безгрижен’ (Footloose) да се случува токму сега во едно мало село во Македонија и ќе ја добиете атмосферата зад трогателниот игран филм деби на сценаристот и режисер Георги М. Унковски, ‘Диџеј Ахмет’“,

пишува филмскиот критичар Џордан Минцер.

Критичарот Карлос Агилар од „Варајети“ за филмот на Унковски вели дека е создаден на начин „кој те тера да им го препорачаш на сите, за и тие да можат да уживаат во неговите прекрасни задоволства.„Диџеј Ахмет“ е откровение кое беспрекорно ја преминува линијата помеѓу филм што предизвикува смеа до солзи и уметничко дело со трогателна тежина. Иако навлегува во очекуваната тематика на созревање (преку расцутувачка романса, желбата за утврдување на сопствениот идентитет и конфликтот меѓу родителите и децата), културниот контекст, инвентивниот раскажувачки стил на Унковски и сосема извонредната актерска екипа по првпат создаваат уникатно дело кое стои само за себе“,

пишува во рецензијата на Варајети.

 

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *