Пет први награди за млади пијанисти од Штип на меѓународен натпревар по пијано
На меѓународниот натпревар по пијано, кој се одржа во скопскиот Културно-информативен центар (КИЦ), пет млади таленти од Штип на возраст од седум до десет години остварија неверојатен успех, освојувајќи први места во категоријата „бејби млади таленти“. Натпреварот привлекол повеќе од 80 учесници од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, а дури и од САД, кои се натпреварувале за престижни награди. Учесниците имаа можност да ги покажат своите вештини и љубовта кон музиката, а оваа манифестација беше одлична прилика да се докажат и да го изразат својот талент пред искусни стручњаци.
Сите млади пијанисти, кои се обучувани под менторство на професорката Марија Максимова, во соработка со м-р Сашка Панева и Ана Тимова оствариле изванредни резултати, добивајќи високи оценки за своите изведби.
Делфина Џонова – Прва награда
Крум Аџи-Андов – Прва награда
Марко Кикиритков – Прва награда
Дарија Кавракова и Софија Патраклиска – Специјална прва награда -100 бодови
Стефан Ончев – Прва награда и награда за најдобра изведба на композиција од јапонски композитор
Натпреварот беше поддржан од амбасадите на Јапонија и Австрија во Скопје, кои доделија специјални дипломи за најдобра изведба на дело од јапонски композитор и за најдобра изведба на дело од австриски композитор. Организатор на натпреварот беше здружението за промоција и развој на културата „Модорас“, а уметнички директори на настанот беа Ема Попивода, професор по пијано на Музичката академија во Штип и Светлана Димитриевска, наставничка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.