Денеска на глобално ниво се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. На 10 декември 1948 година во Париз од страна на Генералното собрание на ОН е усвоена Универзалната декларација за човекови права.
Човековите права и слободи се основа на правдата и мирот во светот, а работничките права се најважен и неизоставен дел од нив. Меѓу другото, во Декларацијата се пропишува дека секој има право на правата и слободите објавени во неа, без разлика на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, религијата, политичкото или друг вид на убедување, националното или социјалното потекло, имотот, раѓањето или друго.
Секој има право на живот, слобода и сигурност на личноста и сите луѓе се исти пред законот и имаат право на еднаква законска заштита. Сите имаат право на еднаква заштита од секаков вид дискриминација што ја повредува оваа декларација и од секакво поттикнување таков вид дискриминација.