Како што информираше АМСМ, за возилата чија маса не надминува 3500 килограми, потребни се зимски пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри (4 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. При возење на влажна површина или на снег е потешко да се сопре возилото, поради што се препорачува поспоро возење и оставање поголем простор помеѓу нас и останатите возила на патот. Исто така се препорачува и да не возите премногу блиску до камионите, особено тие кои го чистат патот, бидејќи тие се движат значително поспоро од останатите возила.

Исто така внимавајте, доколку автомобилот останува вклучен, ауспухот да не биде заглавен од снег, со цел издувните гасови да може нормално да излегуваат.

Пред зимските патувања треба да внимавате и на притисокот на воздухот во вашите пневматици. Како што се намалуваат надворешните температури, така се намалува и притисокот во пневматиците. Проверувајте барем еднаш месечно дали секоја гума е напумпана согласно препораките. Експертите препорачуваат проверките да ги правите кога гумите се ладни, односно кога не се долго возени.

Погрижете се во вашето возило да имате лопата за снег, метла и стругалка за мраз, абразивен материјал во случај вашето возило да се заглави во снегот, кабли за палење, дополнително светло, комплет за прва помош, ќебиња за заштита од студ; мобилен телефон и полнач, вода, храна и сите потребни лекови.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *