Доделувањето на европските музички награди на Ем-ти-ви се еден од најзначајните настани во светот на музиката, каде им се доделуваат признанија на најуспешните имиња кои оставиле свој печат во текот на минатата година.

Годинашното издание беше јубилејно и се одбележаа 30 години од првото доделување на овие награди. Настанот се одржа во арената „Ко-оп“ во Манчестер, Велика Британија, а водителка беше познатата пејачка Рита Ора.

Американската ѕвезда повторно испиша историја

Пејачката Тејлор Свифт беше најголема победничка на вечерта, со номинација во седум категории и победа во четири – најдобар артист, најдобар видеозапис за песната „Fortnight“, најдобра изведба во живо, најдобра изведба во живо и најдобар американски артист.
Таа повторно испиша историја и стана првиот музичар кој трипати ја добил наградата за најдобар артист.

Свифт не можеше да присуствува на настанот бидејќи, во моментов, се подготвува за последниот дел од нејзината концертна турнеја „Ерас“ во Канада. Сепак, таа испрати видео со кое се заблагодари за наградите.

Многу сум тажна што не можам да бидам таму со вас вечерва. Но, ви благодарам за овие прекрасни награди. Фактот дека сум наградена за турнејата и за она што го направив со студискиот албум и видеозаписите – тоа е неверојатно. Јас навистина уживав за време на моите концерти во Европа летово“, изјави Свифт.

Исто така, таа му се заблагодари и на раперот Пост Малоун, со кого ја сними песната „Fortnight“.

„Espresso“ на Сабрина Карпентер е најдобра песна на годината

Сабрина Карпентер, која важи за најголема надеж во поп музиката, ја освои наградата за најдобра песна на годината, за нејзиниот хит „Espresso“. За жал, ни таа не можеше да присуствува на настанот поради нејзиниот ангажман со турнејата „Шорт енд свит“.

Пејачката Раје ја доби наградата за најдобар британски/ирски артисти и изведе две нејзини песни.

Јужноафриканската ѕвезда Тајла ја освои наградата за најдобра аренби музика, најдобар африкански бит и најдобар африкански артист. Младата пејачка изјави дека е „почестена“.

Тајла / Фото: Doug Peters / PA Images / Profimedia

Аријана Гранде, која беше најголем фаворит на вечерта, освои само една награда – за најдобра поп музика.

„Пет шоп бојс“ ја освоија наградата за поп пионери за нивните 40 години во музичката индустрија, а раперот Баста Рајмс ја освои наградата за глобална икона.

Водителката Рита Ора му оддаде посебна почит на пејачот Лијам Пејн, кој почина на 16 октомври на 31-годишна возраст.

„Лијам Пејн беше еден од најљубезните луѓе што ги познавав. Имаше најголемо срце и секогаш им помагаше на сите. Тој секогаш внесуваше радост, каде и да се појавеше, и остави значаен белег во светот на музиката“, изјави Ора.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *