Националниот ден на мачките во САД за прв пат беше обележан во 2005 година. Иницијативата беше почната од двајца адвокати кои се бореа за правата на животните, Colleen Paige и Adam Olis, за да се подигне свеста за бројот на мачки кои имаат потреба од грижа и дом. Денот, кој се слави секој 29 октомври, ги потсетува сопствениците на миленичиња да се однесуваат кон своите мачки како членови на семејството и да ги опсипуваат со љубов и внимание. Исто така, има за цел ширење на свеста за зголемениот број напуштени животни, поради што се промовира вдомување, наместо да се купуваат мачки.
Покрај овој посебен ден, мачињата имаат уште неколку. Така, тука е Светскиот ден на мачките, кој се слави на 17 февруари во поголемиот дел од Европа и на 1 март во Русија, и Меѓународниот ден на мачките, кој се слави на 8 август, од 2002 година. Мачките се меѓу омилените домашни миленици, се појавуваат во митологијата и легендите, а во древниот Египет се сметале за култно животно.