Влатко Стефановски, виртуозот на гитарата, годината во која одбележува 50 години од својата импресивна кариера ќе ја памети и по својата лондонска авантура. Новиот проект кој беше успешно реализиран опфати снимање во Abbey Road Studio Three во кое Влатко Стефановски со Јан Стефановски на тапани и Тихомор Хојсак на контрабас снимија дури дваесет и две песни меѓу кои и Where My Guitar Gently Weeps, на Битлси, една од најголемите групи на сите времиња. Песната е избрана токму како посвета на просторот и дел од историјата што го одбележа четворката од Ливерпул.

-Во Abbey Road Studio Three пеев на микрофонот на кој еднаш пееше Ејми Вајнхаус, тоа е голема мотивација да снимиме на вакво место, па го прославивме трудот и енергијата што ги оставивме во студиото во мензата каде што седеа Битлси и многу други музичари“, рече Влатко Стефановски, сè уште под импресии од минати настани.

-“Концертот беше незаборавен. Публиката пееше во еден глас со нас. Беше извонредно и магично. Дома се враќаме уморни, но крајно задоволни и благодарни на тимот на Кроација рекордс што ни го овозможи ова музичко патување”, додаде Стефановски.

Ексклузивноста на еден ваков специјален проект да биде комплетен се погрижи видео тимот на Croatia Records, кој го документираше снимањето на албумот и концертната атмосфера.

Последниве години најчесто настапува со синот Јан на тапани и со Иван Кукиќ на бас, под името Влатко Стефановски Трио. Со преку 15-ина самостојни албуми и бројни филмски и театарски проекти, Влатко ја покажа својата неверојатна способност да обединува различни музички жанрови и уметнички изрази.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *