Македонската поп-рок ѕвезда Калиопи за во сабота најави јубилеен спектакл во салата „Борис Трајковски“ со којшто ќе одбележи 40 години на сцената. Нејзиниот концерт во Скопје доаѓа по речиси 7 години, а како гости ги најави Слаткаристика, Жељко Самарџиќ и Ромео Грил.
-Не сум мегаломан, не ми е битен просторот, мене отсекогаш ми била битна публиката. Дали се 100, илјада, 200.000 луѓе во публика, за мене концертот има еднаква важност. Но, го гледам ова в сабота како една арена што ќе биде исполнета со луѓе и емоции и мислам дека ќе прашти од емоции и љубов. Имам малку, не страв, туку респект кон целото случување, затоа што се надевам дека нема да согорам во тие емоции и ќе можам да ви се дадам онака како што ви се давам со години, рече Калиопи.
Летово Калиопи одржа концерти во летово на Хераклеа во Битола и на Антички театар во Охрид. Концертот во Скопје ќе се одржи во „Борис Трајковски“ в сабота, на 19 октомври, за прв пат во оваа сала, во организација на „Прагма продукција“, со што ги заокружува настапите во земјава и продолжува во регионот.


